Strategy првпат по 2022 година продаде Bitcoin и ја прекина долгата серија на акумулација

Bitcoin treasury компанијата Strategy, предводена од Мајкл Сејлор, направи ретка продажба на Bitcoin и со тоа ја прекина повеќегодишната фаза на исклучиво акумулирање. Според поднесок до американската Комисија за хартии од вредност, компанијата продала 32 BTC во вредност од околу 2,5 милиони долари.

 

Иако износот е релативно мал во споредба со вкупните резерви на Strategy, самата продажба привлече големо внимание бидејќи компанијата со години беше симбол на агресивно купување и задржување на Bitcoin. Strategy редовно објавуваше нови набавки, а само пред две недели најави купување вредно 2,01 милијарда долари. Минатиот понеделник, пак, компанијата не купи Bitcoin, туку објави дека купила обврзници.

 

Продажбата не е целосно изненадување. Сејлор уште во мај најави дека Strategy би можела да продаде мал дел од Bitcoin резервите за да финансира дивиденда и да покаже дека таков потег е можен без промена на долгорочната стратегија. Во поднесокот се наведува дека средствата од продажбата ќе се користат за распределби, што укажува дека станува збор токму за тој најавен потег.

 

Компанијата ги продала 32 BTC по просечна цена од 77.135 долари за Bitcoin. По оваа трансакција, резервите на Strategy се намалени на 843.706 BTC. За нив компанијата досега потрошила околу 63,87 милијарди долари, со просечна набавна цена од 75.699 долари по Bitcoin.

 

Падот на пазарната цена под ова ниво значи дека Strategy моментално е во нереализирана загуба на своите Bitcoin резерви. Пазарот реагираше негативно на веста, а Bitcoin се спушти на околу 71.400 долари.

 

Ова не е прва продажба во историјата на компанијата. Во декември 2022 година, Strategy продаде 704 BTC за даночни цели, но набрзо потоа повторно купи поголема количина. Затоа главното прашање сега е дали ова е само техничка продажба за дивиденда или почеток на пофлексибилен пристап кон управувањето со Bitcoin резервите.

Поврзани вести

Препорачано