Платите во Германија растат побрзо од инфлацијата, најголем раст кај најниско платените работници

Платите во Германија продолжуваат да растат побрзо од цените, што ја зголемува реалната куповна моќ на вработените. Според податоците на германскиот завод за статистика Дестатис, во првиот квартал од 2026 година, номиналните плати биле повисоки за 4,1% во споредба со истиот период лани, додека инфлацијата изнесувала 2,2%. Тоа значи дека реалните плати пораснале за 1,8%.

Ова е продолжување на позитивниот тренд што трае веќе три години, по периодот на силен инфлаторен притисок предизвикан од војната во Украина. Последен реален пад на заработувачките во Германија бил регистриран во првиот квартал од 2023 година.

Најголем раст на платите е забележан во рударството, сектор во којшто заработувачките се зголемиле за 6,9%. Потоа следуваат финансиските услуги и осигурувањето со раст од 6,5%, како и енергетскиот сектор со 5,9%. Послаб раст има во градежништвото, каде што платите се зголемиле за 2,9%, додека во јавниот сектор растот бил речиси симболичен и изнесувал 0,1%.

Најголема корист од растот имаат работниците со најниски примања. По зголемувањето на минималната плата на 13,90 евра за час, најниско платените 20% од работниците добиле просечно зголемување од 7%. За споредба, највисоко платените 20% забележале раст на платите од 3,5%.

Значително се зголемени и примањата на приправниците, за 6,8%, главно поради покачувањето на минималниот надоместок за стручно оспособување на 724 евра месечно.

Сепак, економистите предупредуваат дека позитивниот тренд може да се соочи со нови ризици. Тензиите на Блискиот Исток и можниот раст на цените на енергенсите би можеле повторно да ја засилат инфлацијата и да го забават растот на реалните плати во наредниот период.

Поврзани вести

Препорачано