Исплатена еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година

Министерството за финансии целосно ја исплати еврообврзницата издадена во 2020 година, во вкупна вредност од 700 милиони евра. Со последната исплата од 327,9 милиони евра затворена е една од поголемите финансиски обврски на државата.

Од последниот исплатен износ, 316,3 милиони евра се однесуваат на главницата, додека 11,6 милиони евра се камата. Средствата за затворање на оваа еврообврзница беа обезбедени преку ново издавање еврообврзница во јануари 2026 година.

Дел од обврската, во износ од 383,7 милиони евра, беше предвремено исплатен во февруари годинава. Преостанатиот дел беше исплатен на имателите кои не ја прифатиле опцијата за предвремена отплата.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека со исплатата од 327,9 милиони евра целосно е затворена еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година. Таа нагласи дека станува збор за дел од обврските што Министерството ги сервисира редовно и навремено.

Според Министерството за финансии, во периодот од втората половина на 2024 година досега се исплатени вкупно 4,556 милијарди евра по различни обврски на државата. Од институцијата оценуваат дека се применува стабилен и континуиран пристап во управувањето со јавниот долг.

Дополнително, предвремената отплата на дел од обврската донела заштеда од 3,2 милиони евра за буџетот. Од Министерството наведуваат дека и во наредниот период ќе продолжи внимателното управување со јавниот долг, преку навремено финансирање на државните потреби со најнизок можен трошок.

Поврзани вести

Препорачано