САД не го обновуваат USMCA во сегашната форма, договорот останува во сила до 2036 година

Соединетите Американски Држави одлучија да не го продолжат трговскиот договор со Канада и Мексико во неговата сегашна форма, отворајќи нов период на преговори околу иднината на северноамериканската трговија.

 

Одлуката беше соопштена по шестгодишната ревизија на договорот USMCA, кој го замени претходниот NAFTA и стапи на сила во 2020 година. Иако САД не се согласија на негово обновување, договорот останува активен уште 10 години, односно до 2036 година, со можност за годишни ревизии и дополнителни измени доколку трите земји постигнат согласност.

 

Американскиот трговски претставник, Џејмисон Грир, изјави дека Вашингтон ќе продолжи да работи со Мексико и Канада за решавање на слабостите во договорот, како и на трговските дефицити што САД ги имаат со двете земји. Според најавите, разговорите со Мексико ќе продолжат во втората половина на јули, со фокус на правилата за потекло кај автомобилите и индустриските производи.

 

Канада, пак, нагласи дека USMCA останува „во полна сила“ и дека може да биде обновен во секое време доколку има договор меѓу трите страни. Канадските власти најавија дека ќе продолжат разговорите и околу американските царини за челик, алуминиум, автомобили и дрвна индустрија.

 

Мексиканската претседателка, Клаудија Шајнбаум, порача дека ова не значи крај на договорот, туку продолжување на процесот на преговори.

 

Одлуката на САД доаѓа во период кога администрацијата на Доналд Трамп бара промени во трговската политика со цел враќање на производството во земјата.

Поврзани вести

Препорачано