Скопје има најниска просечна месечна кирија за стан со две спални соби меѓу 40 анализирани европски градови, покажуваат податоците од истражување што се однесува на втората половина од 2025 година. Просечната кирија во македонскиот главен град изнесува 470 евра, што е пониско и од Приштина, каде што месечниот просек достигнува 520 евра.
На спротивниот крај од листата се наоѓа Женева, каде што за ваков стан во просек се плаќаат 3.350 евра месечно. Меѓу главните градови најскап е Лондон со просечна кирија од 3.050 евра. Следуваат Даблин и Стокхолм со по 2.650 евра, како и Осло со 2.550 евра.
Меѓу четирите најголеми економии во Европската Унија, највисоки кирии има Париз, каде што просекот изнесува 2.500 евра. Во Берлин се плаќаат околу 1.750 евра, во Мадрид 1.700 евра, а во Рим 1.650 евра месечно.
Кирии повисоки од 2.000 евра се забележани и во Копенхаген, Луксембург, Рејкјавик, Хаг, Берн и Минхен. Во групата градови со просечни кирии меѓу 1.500 и 1.750 евра се наоѓаат Лисабон, Прага, Виена, Загреб, Хелсинки и Атина.
По Скопје и Приштина, меѓу поевтините градови е Анкара со просечна кирија од 770 евра. Во рамките на ЕУ, најниски кирии имаат Софија и Никозија, каде што месечниот просек изнесува околу 900 евра. Тирана и Букурешт исто така остануваат под границата од 1.000 евра.
Големите разлики се поврзуваат со состојбата на локалните пазари на недвижности, бројот на нови жители, платите, присуството на меѓународни компании и ограничената понуда на станови. Во градови како Лондон, Женева и Даблин, побарувачката расте побрзо од достапноста на ново домување.
Сепак, пониската кирија не значи автоматски и подостапно домување. Во Централна и Источна Европа приходите се пониски, па станарите можат да издвојуваат значителен дел од платата и покрај пониските номинални цени.
Истражувањето опфаќа ненаместени станови со добар или многу добар квалитет, а во цените не се вклучени комуналните услуги и другите трошоци поврзани со домувањето.







