Крипто-бизнисот му донел на Трамп околу 1,2 милијарди долари за една година

Американскиот претседател Доналд Трамп пријавил приходи од околу 1,2 милијарди долари поврзани со криптовалути во текот на 2025 година, покажуваат финансиските извештаи објавени од Канцеларијата за владина етика на САД.

 

Најголем дел од сумата доаѓа од неговите врски со крипто-компанијата World Liberty Financial. Според документот, Трамп добил речиси 550 милиони долари од проектот, кој во септември 2024 година го основале неговите синови и синот на специјалниот американски пратеник, Стив Виткоф.

 

Дополнителни 635 милиони долари биле пријавени како надомест од договор за лиценцирање поврзан со криптовалутата $TRUMP, пуштена во оптек непосредно пред претседателската инаугурација во јануари 2025 година.

 

„Форбс“ проценува дека личното богатство на Трамп се зголемило од околу 2,3 милијарди долари во 2024 година на 6,5 милијарди долари во 2026 година. Според проценката, крипто-проектите имале значителен удел во растот.

 

World Liberty Financial издаде и сопствен токен WLFI, чија почетна продажба донела околу 550 милиони долари. Трамп и неговите тројца синови, преку посредничката компанија DT Marks Defi, добиле 22,5 милијарди WLFI токени, чија моментална вредност се проценува на околу 1,3 милијарди долари.

 

Компанијата во април 2025 година пуштила и стабилна криптовалута поврзана со американскиот долар. Во извештајот се наведуваат и дополнителни приходи од вложувања во јавно котирани крипто-компании, меѓу кои и Coinbase.

 

Растот на крипто-богатството повторно ги отвори прашањата за можен судир на интереси, бидејќи администрацијата на Трамп паралелно спроведува политики за олеснување на регулацијата во секторот. Белата куќа ги отфрла ваквите обвинувања и тврди дека претседателот и неговото семејство не учествувале во судир на интереси.

 

Во финансискиот извештај се наведени и приходите на првата дама Меланија Трамп, меѓу кои повеќе од 10 милиони долари за документарен проект и над 500.000 долари од нејзината книга.

Поврзани вести

Препорачано