Речиси секој втор граѓанин во Македонија не може да си дозволи еднонеделен годишен одмор, покажуваат податоците на „Евростат“. Со удел од 48%, земјата е меѓу државите во Европа во кои летувањето за голем дел од населението претставува тешко достижен трошок.
Туристичките агенции забележуваат дека сè повеќе граѓани ги плаќаат аранжманите на рати или преку потрошувачки кредити. Во понудата има отплата на 6, 12 или 24 рати, бескаматни промотивни периоди, резервации со аванс и доплата пред патувањето, како и посебни банкарски кредити за летување.
Причината е едноставна – редовните месечни приходи за многу семејства не се доволни за одеднаш да се покријат сместувањето, превозот, храната и останатите трошоци. Поради тоа, одморот сè почесто се планира со повеќемесечно штедење или со задолжување што продолжува и по завршувањето на патувањето.
Од Сојузот на синдикати на Македонија посочуваат дека четиричлено семејство со две просечни плати тешко може да си дозволи летување надвор од најевтините домашни дестинации. Семејствата со минимални примања, пак, во многу случаи немаат простор во буџетот ни за основните месечни потреби.
Според нивните пресметки, седумдневен престој во Охрид за четиричлено семејство, заедно со храната и дополнителните трошоци, може да достигне околу 1.000 евра. Тоа значи дека семејството би требало да издвојува приближно 100 евра месечно речиси цела година или да земе кредит.
Македонија е значително над европскиот просек. Најтешка е состојбата во Романија, каде 61% од граѓаните не можат да си дозволат еднонеделен одмор. Следуваат Македонија со 48%, Грција со 46,6%, како и Унгарија и Бугарија со по 39,1%.
Најдобра е состојбата во Луксембург, Шведска и Холандија, каде уделот се движи од 11% до 13%. Податоците покажуваат дека можноста за годишен одмор останува еден од најјасните показатели за реалната куповна моќ и животниот стандард.







