Русија за првпат воведе забрана за извоз на авионско гориво, односно керозин, со цел да ја стабилизира состојбата на домашниот пазар на горива. Според соопштението на руската влада, мерката ќе остане во сила до 30 ноември.
Од забраната се изземени количините керозин што веќе се наоѓаат на царина или се испорачуваат врз основа на билатерални владини договори. Исто така, странските авиони и понатаму ќе можат да полнат гориво на руските аеродроми.
Ова е првпат Москва да воведе вакво ограничување за авионското гориво, откако претходно беа применети слични мерки за извозот на бензин и дизел. Главната причина за новата одлука е притисокот врз руската нафтена индустрија, која се соочува со последици од украинските напади со дронови врз рафинерии.
Само во мај биле оштетени 16 руски рафинерии, меѓу кои и 8 од 10-те најголеми. Како резултат на тоа, преработката на сурова нафта во Русија паднала на најниско ниво во последните повеќе од десет години.
Проблемите со снабдувањето веќе се чувствуваат и на Кримскиот Полуостров, кој е под руска окупација. Таму, од викендов, возачите можат да полнат гориво само со картички за рационализација или во ограничени количини.
И покрај сериозноста на мерката за рускиот пазар, забраната за извоз на керозин има ограничено влијание врз глобалниот пазар. Русија учествува со околу 2% во светската трговија со авионско гориво, а Турција досега беше главен купувач.







