Европа подготвува нов пакет закони за чипови, вештачка интелигенција и дигитална автономија

Европската комисија претстави нов пакет мерки за технолошки суверенитет, со кој ЕУ сака да ја зајакне својата позиција во AI (вештачката интелигенција), полупроводниците, cloud computing, отворениот код и дигитализацијата на енергетскиот сектор. Целта е Европа да стане помалку зависна од надворешни технологии и да ја зголеми отпорноста на својата дигитална инфраструктура.

 

Пакетот вклучува два законски предлози: Закон за развој на cloud и вештачка интелигенција и Закон за чипови 2.0. Дополнително, Комисијата претстави и Стратегија за отворен код, како и Стратешка мапа за дигитализација и примена на вештачка интелигенција во енергетскиот сектор. Предлозите допрва треба да бидат разгледани и усогласени од Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

 

Со Законот за cloud computing и AI, Брисел сака во следните пет до седум години тројно да го зголеми капацитетот на центрите за податоци во Европа. Ова треба да обезбеди посилна основа за развој и примена на AI технологии, но и поголем избор на дигитални решенија за компаниите, граѓаните и јавната администрација.

 

Законот за чипови 2.0 треба да ја надгради европската стратегија за полупроводници. Фокусот ќе биде и на постојните европски капацитети за mainstream чипови и на развојот на напредни полупроводнички технологии потребни за системи со AI.

 

Стратегијата за отворен код ќе промовира open-source решенија во области како cloud, AI, интернет технологии, сајбер-безбедност и полупроводници. Комисијата сака поширока употреба на отворен код и во јавната администрација, со цел да се намали зависноста од затворени комерцијални системи.

 

Пакетот вклучува и план за дигитализација на енергетскиот сектор, каде што AI и дигиталните решенија треба да помогнат во управување со електричната инфраструктура и енергетските мрежи.

 

Сепак, предлозите веќе предизвикаа реакции од индустријата. DIGITALEUROPE предупреди дека синџирот на вредност кај полупроводниците е глобален и дека концептот на целосно „европски чип“ е проблематичен. Според здружението, премногу локални барања би можеле да ги фрагментираат синџирите на снабдување и да ја намалат конкурентноста на европските компании.

Поврзани вести

Препорачано