Просечната нето-плата во јавното здравство изнесувала 50.039 денари

Во декември 2025 година, просечната вкупна нето-плата во јавните здравствени установи изнесувала 50.039 денари, покажува анализата на Фондот за здравствено осигурување. Просечната нето основна плата, без додатоците, изнесувала 37.660 денари.

 

Анализата го опфаќа системот на јавни здравствени установи и вклучува 18.872 вработени во 12 различни типови установи. Главниот фокус е ставен на учеството на додатоците во вкупната бруто-плата, како и на буџетската реализација во јавните здравствени институции.

 

Најголем удел на додатоци има во установите што работат во непрекинат 24-часовен режим. Тоа е очекувано, бидејќи таму вработените почесто имаат дежурства, ноќна работа, работа за празници и дополнителни обврски што ја зголемуваат конечната плата.

 

На Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, уделот на додатоците изнесувал 40,66%, во Клиничката болница во Штип 37,83%, а на Универзитетскиот институт за радиологија 37,67%. Кај општите болници со проширена дејност, просечниот удел на додатоците достигнува 38,92%.

 

Сосема поинаква е состојбата во превентивните установи и поликлиниките, каде што додатоците учествуваат со помалку од 15% во платата. Причината е тоа што овие установи главно работат во редовно работно време и немаат ист обем на дежурства и 24-часовна организација како болниците и клиниките.

 

Во 2025 година, бројот на вработени во јавното здравство се приближува до 19.000, а се очекува оваа бројка да биде надмината во текот на годината. Тоа дополнително ја зголемува важноста на контролата на платите, додатоците и буџетските трошоци во здравствениот систем.

Поврзани вести

Препорачано