Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Светската банка потпишаа грант во вредност од 2 милиони долари за подготовка на следните фази од проектот „Злетовица“. Станува збор за проширување на системот за наводнување и производство на електрична енергија.
Проектот го опфаќа подобрувањето на искористувањето на водите од басенот на реката Злетовица, со фокус на фаза 2 – наводнување и фаза 3 – производство на обновлива енергија. Реализацијата ќе ја води Министерството преку постојната проектна единица за модернизација на земјоделството, додека краен корисник ќе биде ЈП Хидросистем „Злетовица“ од Пробиштип.
Имплементацијата е предвидено да трае 18 месеци, од 1 јули 2026 до 31 декември 2027 година.
Според надлежните, проектот треба да обезбеди посигурно водоснабдување за земјоделските површини, што може да придонесе за повисоки приноси, проширување на обработливото земјиште и поголема конкурентност на домашното земјоделство.
Покрај земјоделскиот ефект, проектот има и енергетска компонента. Со изградбата на малите хидроцентрали се очекува производство на чиста енергија со потенцијал до 15 гигават-часови годишно.
Од Светската банка посочуваат дека проектот ги поврзува управувањето со водните ресурси, земјоделството и обновливата енергија, што е особено важно во услови на климатски промени и зголемена потреба од поефикасно користење на природните ресурси.







