Евтините пратки од странство поскапуваат: ЕУ воведе царина и за нарачки под 150 евра

Европската Унија, од 1 јули 2026 година, го укина ослободувањето од царински давачки за пратките во вредност помала од 150 евра. Промената директно ќе влијае врз потрошувачите што нарачуваат евтини производи од онлајн-продавници надвор од ЕУ, особено од кинеските платформи.

 

Според новите правила, за секоја различна категорија производи во една пратка ќе се наплаќа фиксна давачка од 3 евра. Доколку пакетот содржи само неколку маички, давачката ќе изнесува 3 евра. Но ако во истиот пакет има и играчка, ќе се пресметаат дополнителни 3 евра бидејќи станува збор за друга категорија стока.

 

Формално, обврската за пријавување и плаќање ја имаат продавачите или увозниците. Европската комисија, сепак, предупредува дека компаниите можат да го префрлат дополнителниот трошок врз купувачите преку повисоки цени, поскапа испорака или дополнителни надоместоци.

 

Европскиот центар за потрошувачи во Германија оцени дека мерката најмногу ќе се почувствува кај производите со многу ниска цена. Кај нарачка од неколку евра, фиксната царина може значително да го зголеми конечниот износ што ќе го плати потрошувачот.

 

Мерката следува по наглото зголемување на бројот на евтини пратки што пристигнуваат во ЕУ. Според Европската комисија, во текот на минатата година во Унијата влегле 5,9 милијарди пакети со вредност под 150 евра без царински давачки. Тоа е просек од околу 16 милиони пратки дневно.

 

Повеќе од 90% од овие пратки доаѓаат од Кина, што дополнително го зголемило притисокот врз европските царински служби и домашните трговци.

 

Фиксната давачка од 3 евра треба да важи до 1 јули 2028 година. Потоа ЕУ планира да воведе нова дигитална царинска платформа, преку која давачките ќе се пресметуваат според вредноста, потеклото и тарифната категорија на производот.

Поврзани вести

Препорачано