Трамп се закани со царини од 100% за земјите што ги оданочуваат американските технолошки компании

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини од 100% за извозот на секоја земја што ќе наметне данок на дигитални услуги врз американските технолошки компании. Со ова предупредување, Вашингтон отвора нов можен трговски спор, овојпат околу оданочувањето на глобалните дигитални гиганти.

 

Во објава на социјалните мрежи, Трамп порача дека секоја држава што ќе воведе ваков данок ќе се соочи со царини за целокупниот извоз во САД. Тој додаде дека мерката би имала предност и пред претходно договорените трговски аранжмани.

 

Иако не наведе конкретни земји, американскиот претседател особено ги посочи европските држави, тврдејќи дека дел од нив се подготвуваат да воведат нови даноци за дигитални услуги.

 

Заканата доаѓа во чувствителен период за односите меѓу САД и Европската Унија. На 4 јули истекува рокот за почеток на спроведувањето на новиот трговски договор, со кој царините за поголемиот дел од европскиот извоз се ограничуваат на 15%. Прашањето за дигиталното оданочување, сепак, останало надвор од договорот.

 

Европската комисија реагираше дека еднострани мерки насочени против европските политики нема да останат без одговор. Од Брисел нагласија дека даноците за дигитални услуги не се насочени исклучиво кон американските компании, туку треба да важат за сите големи технолошки групации што остваруваат приходи на европските пазари.

 

Европските влади подолго време тврдат дека големите дигитални компании заработуваат значителни суми во нивните земји, но плаќаат релативно малку данок бидејќи профитот го прикажуваат во држави со поповолни даночни режими.

 

Велика Британија, на пример, од 2020 година применува данок од 2% врз приходите што големите пребарувачи, социјални мрежи и онлајн платформи ги остваруваат од британските корисници.

 

Засега не е познато како Белата куќа би ја спровела најавената мерка и дали царините би важеле за сите земји со дигитален данок. Сепак, заканата отвора можност спорот околу технолошките компании да прерасне во нова трговска конфронтација меѓу САД и нивните европски сојузници.

Поврзани вести

Препорачано