Европската Унија направи нов чекор кон воведување дигитално евро, проект што би можел значително да го промени начинот на плаќање во еврозоната. Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент ја поддржал иницијативата, со што се отвора патот за завршните политички преговори.
Проектот не се разгледува само како технолошко унапредување, туку и како начин Европа да ја зајакне финансиската независност. Според податоците наведени во предлогот, Visa и Mastercard контролираат околу 61% од картичните плаќања во еврозоната и речиси целосно доминираат кај прекуграничните трансакции.
Дигиталното евро би било официјална електронска форма на европската валута, директно поддржана од Европската централна банка. За разлика од криптовалутите, неговата вредност не би била нестабилна и би била еднаква на вредноста на обичното евро.
Граѓаните би можеле да го користат преку дигитален паричник за плаќања во продавници и на интернет. Намерата не е да се укинат готовината и банкарските сметки, туку да се понуди дополнителен европски начин на плаќање.
Основната инфраструктура би ја обезбедувала ЕЦБ, додека комерцијалните банки и финтек-компаниите би ги нуделе услугите до корисниците. Плаќањата за граѓаните треба да бидат бесплатни, а трошоците за трговците пониски од сегашните надоместоци за картични трансакции.
Едно од главните отворени прашања е лимитот на средства што граѓаните ќе можат да ги чуваат во дигитално евро. Ограничувањето треба да спречи масовно повлекување пари од банките. Според симулациите, лимит од 3.000 евра по лице би можел да предизвика одлив до 699 милијарди евра од банкарските депозити.
Дигиталното евро нема да носи камата, а компаниите нема да можат да го задржуваат подолго од 24 часа. Со тоа треба да се избегне директна конкуренција со класичните банкарски сметки.
ЕЦБ проценува дека воспоставувањето на системот би чинело меѓу четири и шест милијарди евра во период од четири години. Пилот-проектот би можел да започне во втората половина на следната година, додека целосното воведување се очекува најрано во 2029 година.







