Сиромаштијата во Германија повторно расте и достигна највисоко ниво од 2020 година, покажуваат податоците на Паритетното здружение за социјална грижа, објавени од Deutsche Welle. Според новиот извештај, 16,1% од населението во Германија е изложено на ризик од сиромаштија.
Стапката пораснала за 0,6 процентни поени во периодот од 2024 до 2025 година, што, според здружението претставува сериозен аларм за социјалната состојба во земјата. Извршниот директор, Јоахим Рок, ја оцени ситуацијата како кризна и предупреди дека евентуални кратења на социјалните давања би можеле дополнително да ја влошат положбата на најранливите групи.
Според дефиницијата на Европската Унија, во ризик од сиромаштија се лицата што располагаат со помалку од 60% од средниот приход во земјата. Во Германија, тоа значи дека самец се смета за изложен на ризик ако има помалку од 1.446 евра нето месечно. За домаќинство со двајца возрасни и две деца помлади од 14 години, прагот изнесува 3.036 евра месечно.
Најпогодени се самохраните родители, лицата што живеат сами и постарите граѓани. Речиси секое петто лице над 65 години е погодено или изложено на ризик од сиромаштија. Кај лицата што живеат сами стапката изнесува 30,3%, кај самохраните родители 28,9%, а кај лицата со ниско образование 29,1%.
Извештајот покажува дека сиромаштијата најсилно расте таму каде што постојат структурни слабости, како ниско образование, ограничен пристап до пазарот на трудот и долготрајна невработеност. Четири од пет лица погодени од сиромаштија не се вработени.
Големи се и регионалните разлики. Најниски стапки имаат Баварија со 12,6% и Баден-Виртемберг со 13,2%, благодарение на посилната економска структура. Највисока сиромаштија е регистрирана во Бремен со 27,5%, Саксонија-Анхалт со 21,3%, Хамбург со 18,9% и Берлин со 18,7%.
Дополнително, кај 6,9% од населението, парите минатата година не биле доволни ниту за покривање на тековните трошоци. Дел од домаќинствата имале проблем со плаќање струја и греење, а за некои предизвик било и купување основни апарати како фрижидер или шпорет.







