Предлог-законот за упатување работници во странство денеска пред собраниска комисија

Во Собранието денеска ќе заседаваат повеќе комисии, меѓу кои Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за финансирање и буџет и Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија.

 

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе го разгледува предлог-законот за изменување на Законот за упатување работници од Република Северна Македонија во други држави. Законот се однесува на работници коишто се испраќаат во странство за изведување градежни работи преку проектни договори, како и за вршење други сезонски работи. Предлогот е во прво читање.

 

На дневен ред, пред Комисијата за финансирање и буџет ќе бидат и предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри, како и измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност. И овие законски решенија ќе се разгледуваат во прво читање.

 

Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија, пак, ќе расправа за дипломатски платформи. Орхан Муртезани ќе ја претстави својата платформа за дипломатските активности како вонреден и ополномоштен амбасадор и шеф на Постојаната делегација на Македонија при НАТО.

 

Пред членовите на Комисијата ќе се претстави и Светлана Гелева, кандидат за вонреден и ополномоштен амбасадор и постојан претставник на Македонија при Советот на Европа во Стразбур.

Поврзани вести

Препорачано