Советот на Народната банка на редовна седница ги усвои Годишниот извештај за 2025 година и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, при што оцени дека централната банка успешно ги остварувала своите цели во текот на годината и придонела за одржување на ценовната и финансиската стабилност.
Во извештајот се посочува дека 2025 година била обележана со сложено и неизвесно надворешно окружување, проследено со геополитички ризици и ценовни притисоци. Во такви услови, Народната банка водела претпазлива и конзистентна монетарна политика, со што придонела за стабилизирање на инфлацијата и зачувување на довербата во денарот. По умереното нормализирање на монетарната политика на почетокот на годината, основната каматна стапка останала непроменета во ефективна смисла до крајот на 2025 година.
Претпазливата монетарна поставеност била дополнително поддржана преку измени кај задолжителната резерва и затегнување на макропрудентните инструменти. Кон крајот на годината, Народната банка преминала и на нова оперативна монетарна рамка, со цел поголема усогласеност со меѓународните практики и поефикасно пренесување на сигналите на монетарната политика, без промена на нејзината суштинска поставеност. Според оценката на Советот, ваквиот пристап придонел за стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото и за одржување на ценовната стабилност на среден рок.
Како еден од клучните стратегиски исчекори во текот на годината се издвојува приклучувањето на земјата кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како и започнувањето на подготовките за воведување инстант плаќања. Со тоа дополнително се унапредува платежната инфраструктура и се зајакнува финансиската интеграција со Европската Унија.
Советот оценил и дека Народната банка успешно ја реализирала Програмата за работа за 2025 година. Покрај редовните активности, биле спроведени и повеќе развојни проекти, со што е постигнат баланс меѓу стабилноста, модернизацијата и интеграцијата.
Позитивни оценки се изнесени и за состојбите во банкарскиот сектор. Според Извештајот за ризиците во банкарскиот систем, во 2025 година е остварен солиден раст на банкарските активности, со засилена кредитна поддршка на економијата и стабилна депозитна база. Показателите за стабилност остануваат поволни: капиталната позиција на банките е дополнително зајакната, ликвидноста е на задоволително ниво, а квалитетот на кредитното портфолио е подобрен. Особено се издвојува фактот што стапката на нефункционални кредити се намалила на историски најниско ниво од 2%.
Стрес-тестовите дополнително покажуваат дека банкарскиот систем има добар капацитет за справување со потенцијални шокови, што ја потврдува неговата отпорност. Сепак, Советот предупредува дека ризиците од надворешното окружување и натаму постојат, особено поради геополитичките тензии и неизвесноста на светските пазари, поради што останува потребата од внимателно следење на состојбите и водење претпазливи политики.
На седницата беше донесена и измена на Одлуката за задолжителна резерва, со која од оваа обврска се исклучуваат новодоговорените обврски на банките кон нерезиденти во странска валута со договорна рочност подолга од две години. Мерката е привремена, со важност од две години, и има цел да поттикне прилив на долгорочен капитал од странство како дополнителна поддршка за монетарната политика во услови на глобална неизвесност.






