Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека зачувувањето на стабилноста и сигурноста на македонскиот денар останува еден од најважните економски приоритети на државата. Во објава по повод 34 години од монетарната самостојност, таа истакна дека денарот низ годините успеал да се изгради во стабилна и доверлива валута, и покрај бројните предизвици со кои се соочувал.
Според неа, токму одржувањето на таа постојаност е основа за поширока економска сигурност. Таа нагласи дека Министерството за финансии е силно насочено кон поддршка на макроекономската и фискалната стабилност, како темел за поголем економски напредок, повеќе инвестиции и повисок животен стандард.
Објавата доаѓа во симболичен момент, кога се одбележува годишнината од воведувањето на денарот, а пораката е јасна: стабилната национална валута останува клучен елемент за доверба во економијата и за долгорочна финансиска предвидливост.






