Крај за боледување без потврда: Германија го заострува правилото уште од првиот ден

Германските работници во иднина ќе треба да доставуваат лекарска потврда уште од првиот ден на боледувањето, според новите правила договорени од владејачката коалиција. Истовремено се планира укинување на можноста потврдата за привремена неспособност за работа да се добие само преку телефонски разговор со лекар.

 

Според сегашните правила, лекарска потврда задолжително се доставува доколку отсуството трае подолго од три дена, иако работодавците и сега можат да ја побараат уште од првиот ден. Пациентите со полесни симптоми, кои веќе се познати во ординацијата, можат телефонски да добијат боледување во траење до пет календарски дена.

 

Канцеларот Фридрих Мерц ја оправда промената со високото ниво на отсуства од работа и негативното влијание врз продуктивноста и конкурентноста на германската економија. Реформата е дел од поширок пакет од 34 мерки поврзани со пазарот на трудот, економијата и намалувањето на бирократијата.

 

Сепак, компаниите и вработените ќе можат да договорат поинакви правила преку индивидуални договори, колективни договори или договори на ниво на компанија. Тоа значи дека во одредени фирми може и понатаму да биде дозволено кратко отсуство без потврда од првиот ден.

 

Одлуката наиде на силни критики од синдикатите и лекарските здруженија. Тие предупредуваат дека матичните ординации може да бидат преоптоварени со пациенти на кои не им е потребен преглед, туку само административна потврда.

 

Лекарите исто така тврдат дека телефонското боледување не е главната причина за високото ниво на отсуства и дека голем дел од растот во статистиката се должи на подоброто електронско евидентирање. Дополнително, постои загриженост дека дел од вработените ќе одат болни на работа за да избегнат посета на лекар.

 

Телефонското издавање потврди треба да биде укинато, но медицинските консултации преку видеоповик и понатаму би можеле да останат достапни.

Поврзани вести

Препорачано