Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди неправилности кај откупни центри за овошје и зеленчук

Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди неправилности кај дел од откупните центри што вршат откуп на овошје и зеленчук од индивидуални земјоделци и правни лица. Контролите ги спровела Комисијата за одлучување по прекршок, а фокусот бил ставен на договорните односи меѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехранбени производи.

 

Според утврденото, најчестите неправилности се однесуваат на непостоење писмени договори за откуп, користење договори што не ги содржат задолжителните елементи предвидени со закон, како и договорни одредби што не се усогласени со законските обврски. Овие пропусти можат директно да влијаат врз положбата на земјоделците, особено во делот на транспарентноста, условите за откуп и заштитата од нефер трговски практики.

 

Комисијата најави дека ќе продолжи со активен надзор во секторот и дека против субјектите кај кои се утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни санкции. Оттаму апелираат до сите учесници во синџирот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи да ги почитуваат законските правила.

 

Целта, според Комисијата, е да се обезбедат фер, транспарентни и рамноправни деловни односи меѓу откупувачите и добавувачите. Ова е особено важно за земјоделците, кои честопати се послаба страна во договорните односи и зависат од јасни услови, навремена исплата и правна сигурност при пласманот на своето производство.

Поврзани вести

Препорачано