Кина официјално потврди дека ќе купи 200 авиони од американскиот производител Boeing, со што се конкретизира еден од најважните резултати од минатонеделниот самит меѓу Доналд Трамп и Ши Џинпинг во Пекинг. Договорот е значаен бидејќи практично, става крај на речиси десетгодишниот застој во големи кинески нарачки за Boeing, во период кога американската компанија се обидува повторно да ја зацврсти својата позиција на кинескиот пазар.
Покрај авионите, кинеското Министерство за трговија соопшти дека двете земји ќе работат на продолжување на трговското примирје што истекува во ноември. САД и Кина ќе разговараат и за рамка за меѓусебно намалување на царините за стоки во вредност од околу 30 милијарди долари, што би можело да биде важен чекор кон стабилизирање на односите по години на трговски тензии.
Пекинг исто така најави подготвеност за проширување на двонасочната трговија со земјоделски производи. Тоа се надоврзува на претходните најави од Вашингтон дека Кина ќе купува американски земјоделски производи во вредност од најмалку 17 милијарди долари годишно до 2028 година, покрај веќе постојните обврски за увоз на соја. Дел од договорите вклучуваат и обновување на пристапот за американско говедско месо и живина на кинескиот пазар.
Важна точка остануваат и ретките земјени метали, кои се клучни за високотехнолошката индустрија, батериите, чиповите и одбранбените системи. Кина соопшти дека ќе се работи на стабилност на глобалните синџири на снабдување, но засега не се објавени конкретни механизми за тоа како ќе се обезбеди таа стабилност.
Иако договорот носи позитивен сигнал за пазарите, тој повеќе личи на контролирано смирување на трговските односи отколку на целосно решавање на спорот меѓу двете економски сили. САД и Кина очигледно се обидуваат да избегнат нова ескалација, но прашањата околу царините, технологијата, ретките минерали и стратешката конкуренција остануваат отворени.







