Државниот пазарен инспекторат спроведува контроли во сите ланци маркети во периодот од 10 до 20 мај, со цел да се утврди дали има неоправдано зголемување на маржите кај прехранбените производи. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, соопшти дека на терен се 30 инспекциски тимови, а доколку се утврдат неправилности, државата ќе преземе соодветни мерки.
Според првичните неофицијални информации од првите денови на контролите, кај дел од овошјето и зеленчукот е забележано одредено поевтинување. Засега, како што посочи министерот, нема основа за интервенција кај цените на прехранбените производи. Сепак, состојбата ќе се следи до крајот на месецот а ДПИ треба да ја достави целосната информација од надзорите до Министерството на 20 мај.
Дурмиши нагласи дека ограничувањето на цените нема да се воведува автоматски, туку само доколку се утврди дека трговците, производителите или дистрибутерите ги зголемиле маржите. Според него, минатиот месец имало раст на цените на дел од прехранбените производи, но истовремено, маржите кај трговците биле намалени за околу 1%, поради што засега нема законска основа за директна реакција.
Како можна мерка, доколку состојбата се влоши, се разгледува и намалувањето на ДДВ за прехранбените производи, слично како што државата реагираше во делот на горивата. Министерот додаде дека Македонија зависи од увоз, особено кај храната, што значи дека дел од ценовниот притисок доаѓа од земјите од кои се увезуваат производите.
Во однос на инфлацијата, Дурмиши посочи дека растот на цените не е проблем само во Македонија, туку и во повеќе европски земји. Според него, државата продолжува да ја следи состојбата и да користи мерки за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните, особено во услови на криза и економска неизвесност.







