Германија повторно се обидува да ја забрза продажбата на електрични автомобили со нова програма за субвенции вредна 3 милијарди евра. Планот доаѓа по силниот пад на интересот за електрични возила, откако претходните државни иницијативи беа укинати кон крајот на 2023 година, што во 2024 доведе до пад на продажбата од 27%.
Новата програма предвидува поддршка од 1.500 до 6.000 евра по возило, во зависност од цената на автомобилот, приходите на домаќинството и бројот на членови во семејството. Според проценките, планираниот буџет би можел да биде доволен за субвенционирање на околу 800.000 електрични автомобили, при што најголема корист се очекува да имаат домаќинствата со ниски и средни приходи.
Интересно е што Германија нема да ги ограничи субвенциите само на домашните или европските производители. Поддршката ќе биде достапна за сите брендови, вклучително и за кинеските производители, што е различен пристап од дел од другите европски земји. Германските власти оценуваат дека нема докази за преплавеноста на пазарот со кинески електрични автомобили и дека домашната индустрија останува доволно конкурентна.
Програмата треба да важи до 2029 година, а апликациите ќе можат да се поднесуваат ретроактивно од 1 јануари 2026 година. Се очекува онлајн-порталот за пријавување да биде активиран во мај, додека конечните правила и услови треба да бидат дополнително прецизирани во текот на годината.
Пакетот мерки вклучува и продолжување на даночните олеснувања за електрични возила до 2035 година, што ќе значи околу 600 милиони евра помалку приходи за државата. Со ова, Германија покажува дека сака попостепен и пофлексибилен премин кон електромобилност, во период кога во Европската Унија и натаму трае дебатата за иднината на моторите со внатрешно согорување.







