Горивата во Македонија од денес се продаваат по значително пониски цени, откако на полноќ стапи во сила новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Најголемо намалување има кај дизелот, кој поевтини за 7 денари по литар.
Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС изнесува 80,50 денари за литар. Намалување има и кај бензините, па ЕУРОСУПЕР БС-95 сега се продава по 84 денари за литар, односно за 3,5 денари поевтино од претходно. ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтини за 4 денари и неговата нова цена изнесува 86 денари за литар.
Пониска е и цената на екстра лесното масло за домаќинство, кое од денес чини 79,50 денари за литар. Мазутот се продава по цена од 42,291 денари за кг.
Новите максимални цени се:
- ЕУРОСУПЕР БС-95 – 84 денари за литар
• ЕУРОСУПЕР БС-98 – 86 денари за литар
• ЕУРОДИЗЕЛ БС – 80,50 денари за литар
• Екстра лесно масло за греење – 79,50 денари за литар
• Мазут – 42,291 денари за кг
Поевтинувањето следува по намалувањето на котациите на нафтата и нафтените деривати на светските пазари. Владата очекува пониските транспортни и енергетски трошоци да доведат и до намалување на цените на дел од основните прехранбени производи.
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека по смирувањето на кризата на Блискиот Исток и падот на цените на горивата, компаниите треба да покажат одговорност кон граѓаните. Според него, поевтинувањето треба да се почувствува и во маркетите, особено кај производите што најмногу влијаат врз семејниот буџет.
Владата најавува средби со претставници на маркетите и дистрибутерите, како и споредбена анализа на цените во Македонија и во регионот. Доколку трговците не ги приспособат цените на новите пониски трошоци, ќе се разгледуваат дополнителни долгорочни мерки.
Мицкоски не ја исклучи ниту можноста јавно да бидат објавени имињата на маркетите што нема да го следат трендот на поевтинување и нема да ги намалат цените за потрошувачите.







