Автопатските делници што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ повеќе нема да се финансираат директно од државниот буџет, туку преку нов синдициран кредит од 140 милиони евра. Кредитот ќе биде обезбеден од четири домашни банки, со државна гаранција и рок на отплата од 12 години.
Владата на седница одржана на 2 јуни одобрила задолжување за финансирање на делниците од Коридор 8 и Коридор 10Д. Станува збор за автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.
Досега обврските кон американско-турскиот конзорциум се исплаќаа од државниот буџет, според динамиката на работите, договорот и специјалниот закон. Годишните исплати во изминатите години изнесуваа околу 100 милиони евра, но со новата одлука финансирањето се префрла кон банкарски кредит.
Кредитот ќе го обезбедат Стопанска банка, Комерцијална банка, Халк банка и НЛБ банка. Вкупниот износ е 8,61 милијарди денари, односно околу 140 милиони евра. Средствата ќе може да се користат во период од 30 месеци, а предвиден е и грејс-период од три години.
Отплатата ќе трае 12 години од денот на склучување на договорот. Каматата е врзана за референтна стапка зголемена за маржа од 1,24 процентни поени, но не може да биде пониска од 3,95% годишно. Дополнително, предвидена е провизија од 0,1% годишно за одобрен, а неискористен дел од кредитот.
Во „Службен весник“ е објавено дека министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е овластена да ја потпише државната гаранција. Тоа значи дека доколку Јавното претпријатие за државни патишта не ги сервисира обврските, државата гарантира навремено и целосно враќање на кредитот, каматите и провизиите.
На истата владина седница била донесена и одлука за нов кредит од 176,5 милиони евра за автопатот Кичево – Охрид, кој се гради веќе 12 години. И тој кредит ќе биде обезбеден од истите четири банки, под слични услови, откако претходно беше најавено дека кинеското финансирање за проектот престанува.
Со ова, големите патни проекти влегуваат во нов модел на финансирање. Наместо директни буџетски исплати, државата се потпира на кредити од домашни банки, долги рокови на отплата и гаранции што остануваат товар и одговорност на јавните финансии.







