Бизнис форум во Истанбул ќе ги промовира инвестициските можности на Северна Македонија

Во Истанбул денеска ќе се одржи бизнис форум посветен на унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција. Настанот има цел да ги претстави инвестициските потенцијали на земјата пред турската деловна заедница и да отвори нови можности за директна соработка меѓу компаниите и институциите од двете држави.

 

Форумот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија. Проектот е предводен од Владата на Република Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а се спроведува во соработка со УНДП.

 

Главниот фокус на настанот е поврзување на бизнис секторот со институциите, преку директни средби и разговори насочени кон нови инвестиции, партнерства и економска размена. Форумот треба да помогне во подобро позиционирање на Северна Македонија како атрактивна дестинација за странски инвеститори.

 

На форумот е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе ја предводи владината делегација составена од ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област. Од турска страна, домаќин ќе биде министерот за трговија на Турција, Омер Болат, а организацијата ја спроведуваат Министерството за трговија на Турција и DEİK – Советот за надворешни економски односи.

 

Во рамки на програмата ќе бидат презентирани можностите за инвестирање во Северна Македонија, а предвидени се и официјални обраќања, тематски панели и Б2Б средби меѓу компании од двете земји. Посебен акцент ќе биде ставен на трговијата, енергетиката и инфраструктурата како сектори со значителен потенцијал за продлабочување на соработката.

 

Форумот е наменет за компании што сакаат да го прошират своето присуство на меѓународните пазари и да воспостават нови деловни партнерства во рамки на регионалната економска соработка.

 

Овој настан е дел од поширока серија активности за промоција на Северна Македонија пред странските инвеститори. Сличен бизнис форум неодамна се одржа и во Будимпешта, како дел од напорите земјата поактивно да ги претстави своите економски потенцијали пред меѓународната бизнис-заедница.

Поврзани вести

Препорачано