BlackRock и Goldman Sachs ја претвораат Bitcoin волатилноста во ETF приход

BlackRock го ажурираше регулаторното барање за нов Bitcoin Premium Income ETF, со што се засилува трката со Goldman Sachs за инвеститори што бараат приход од дигитални средства. Новиот фонд на BlackRock ќе се тргува под тикерот BITA и ќе биде дел од iShares понудата.

 

Според ажурираниот проспект доставен до американската Комисија за хартии од вредност, фондот ќе има годишен надомест од 0,65%. Тоа го прави поскап од класичните spot Bitcoin ETF фондови, како iShares Bitcoin Trust, но сепак поевтин од многу традиционални covered-call ETF производи на пазарот.

 

BITA е замислен како Bitcoin ETF што ќе генерира приход преку продажба на call options. Фондот ќе има комбинирана структура, со директно поседување Bitcoin, акции од IBIT и готовински инструменти. Почетниот инвеститор купил 198.000 акции по цена од 50 долари, со што биле обезбедени 9,9 милиони долари за старт на фондот.

 

BlackRock потоа ја поставил основната структура на портфолиото со купување 109,96 Bitcoin и 90.901 акции од IBIT. Истовремено, фондот продал 856 options contracts, што е дел од стратегијата за создавање премиум приход.

 

Главната идеја е фондот да продава call options врз IBIT акции и понекогаш врз индекси поврзани со spot Bitcoin ETF производи. На тој начин фондот добива приход однапред, но се откажува од дел од потенцијалната добивка ако Bitcoin значително порасне над одредено ниво.

 

BlackRock планира да покрива меѓу 25% и 35% од нето-вредноста на фондот со ваква options стратегија. Тоа значи дека поголемиот дел од портфолиото сепак ќе остане изложен на растот на Bitcoin, додека помал дел ќе се користи за генерирање редовен приход.

 

Goldman Sachs, пак, подготвува конкурентен Bitcoin Premium Income ETF со поагресивна стратегија. Неговиот фонд нема директно да поседува Bitcoin, туку ќе користи други Bitcoin ETP производи, options contracts и структура преку подружница на Кајманските Острови. Според досегашните податоци, Goldman планира да покрива меѓу 40% и 100% од Bitcoin изложеноста со options стратегија.

 

Тоа значи дека фондот на Goldman Sachs би можел да нуди повисок потенцијален приход во мирен пазар, но и поголемо ограничување на добивката ако Bitcoin нагло порасне. Од друга страна, BlackRock избира поконзервативен пристап, со помал приход, но поголема можност инвеститорите да учествуваат во растот на Bitcoin.

 

Овие производи покажуваат дека Bitcoin ETF пазарот влегува во нова фаза. По првиот бран spot ETF фондови, кои овозможија директна изложеност на Bitcoin, сега Волстрит развива производи што се обидуваат да создадат приход од неговата висока волатилност.

 

Сепак, ваквите фондови не се исто што и класични обврзници или фиксни приходи. Исплатите зависат од цената на options contracts, движењето на Bitcoin и пазарната волатилност, што значи дека приходот може значително да варира со текот на времето.

Поврзани вести

Препорачано