Европската комисија исплати нова финансиска поддршка за три земји од Западен Балкан во рамки на Инструментот за реформи и раст, познат како План за раст за Западен Балкан. Северна Македонија доби 65,7 милиони евра, Албанија 49 милиони евра, а Црна Гора 44,2 милиони евра.
Средствата се исплатени откако Европската комисија оцени дека земјите исполниле дел од договорените реформски обврски. Станува збор за мерки поврзани со конкурентноста, иновациите, образованието, дигитализацијата и институционалното приближување кон европските стандарди.
Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен во 2023 година со цел земјите-кандидати побрзо економски и институционално да се поврзат со единствениот пазар на ЕУ. Вкупниот пакет изнесува 6 милијарди евра, но средствата не се исплаќаат автоматски, туку во фази и во зависност од спроведените реформи.
Досега, Албанија има добиено вкупно 212,8 милиони евра, Црна Гора 89,3 милиони евра, а Северна Македонија 142,1 милион евра. Во програмата се вклучени и останатите земји од регионот, меѓу кои Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
Во Албанија средствата се насочени кон подобрување на деловната клима, поддршка за иновации и стартапи, како и развој на зелена и дигитална економија. Во Црна Гора, фокусот е на научните институции и иновацискиот систем, додека во Северна Македонија парите се наменети за подобрување на образованието и дигиталната инфраструктура во училиштата.
Дел од средствата се исплаќаат директно во државните буџети, а дел се користат за инвестициски проекти преку Западнобалканскиот инвестициски рамковен механизам. На тој начин, ЕУ се обидува финансиската поддршка да ја врзе со конкретни реформи и практични проекти што треба да го забрзаат приближувањето на регионот кон членство.







