Окта со силен скок на приходите и добивката во првиот квартал од 2026 година

Окта ја започна 2026 година со силен раст на приходите, добивката и оперативната профитабилност, и тоа во период на зголемена нестабилност на глобалните енергетски пазари. Во првиот квартал, компанијата оствари приходи од продажба од 204,7 милиони евра, што претставува раст од 44% во споредба со истиот период минатата година.

 

На домашниот пазар се реализирани 154,1 милион евра приходи, што е зголемување од 42%, додека продажбите на странските пазари достигнале 50,6 милиони евра, со раст од 48,7%. Овие резултати се поддржани и од вкупен обем на продажба од 334 илјади кубни метри, што е за 35% повеќе на годишно ниво, при што извозот учествува со околу 25% во вкупната продажба.

 

Особено силен скок бележи добивката; бруто-добивката се зголемила за 372% и достигнала 19,7 милиони евра, додека ЕБИТДА пораснала за 837%, т.е. 17,8 милиони евра. Добивката пред оданочување изнесува 17,6 милиони евра, а нето-добивката 15,7 милиони евра, што претставува раст од 917, односно 912%.

 

Оперативните трошоци се зголемени за 15%, како резултат на повисоката деловна активност. Во исто време, прилагодената ЕБИТДА изнесува минус 3,3 милиони евра, за разлика од позитивните 2,2 милиони евра во истиот период лани.

 

Од компанијата посочуваат дека првиот квартал бил обележан со раст на глобалните цени на суровата нафта, особено во март, под влијание на геополитичките тензии на Блискиот Исток. Тоа довело до повисока неизвесност, нарушувања во синџирите на снабдување и зголемена ценовна волатилност. Во такви услови, Окта останала фокусирана на сигурно и континуирано снабдување на домашниот и регионалните пазари, при што дополнително ја зајакнала логистичката флексибилност преку користење на продуктовод за транспорт на дизел.

 

Покрај тоа, во првиот квартал компанијата инвестирала над 390 илјади евра во проекти за обновлива енергија, со цел намалување на емисиите и поддршка на енергетската транзиција. Воедно, во услови на ценовна нестабилност, Окта спровела и доброволна програма за попусти на дизел и бензин за трговците на големо и мало, која била продолжена до крајот на април за поддршка на пазарната стабилност и крајните потрошувачи.

Поврзани вести

Препорачано