ФИФА ќе го зголеми наградниот фонд за Мундијалот 2026 поради растечките трошоци

ФИФА најави дека ќе го зголеми наградниот фонд за Светското првенство во 2026 година, откако дел од националните асоцијации изразија загриженост за високите трошоци поврзани со настапот на турнирот во Северна Америка. Особено европските репрезентации предупредија дека учеството на овој Мундијал може да биде финансиски потешко отколку на претходниот шампионат во Катар, поради значително повисоките оперативни расходи.

Поради тоа, ФИФА веќе води разговори со националните асоцијации ширум светот за зголемување на расположливите средства. Најавено е дека не само што ќе бидат повисоки исплатите за репрезентациите што ќе се квалификуваат на Светското првенство, туку ќе се зголеми и финансирањето за развој што е достапно за сите 211 членки на организацијата.

Од ФИФА порачуваат дека Светското првенство во 2026 година ќе има револуционерно финансиско влијание врз глобалната фудбалска заедница и нагласуваат дека организацијата се наоѓа во најсилната финансиска позиција во својата историја. Понатамошните детали за новите износи треба да бидат соопштени по дополнителните разговори и по состанокот на Советот на ФИФА во Ванкувер.

Инаку, уште во декември беше одобрен рекорден награден фонд од 727 милиони долари за 48-те учесници на турнирот, од кои 50 милиони долари беа предвидени за победникот. Со новата најава, станува јасно дека оваа сума дополнително ќе се зголеми.

Поврзани вести

Препорачано