Трговските и инвестициските врски меѓу Македонија и Обединетото Кралство бележат силен раст, при што вкупната билатерална трговска размена во 2025 година достигнала 1,6 милијарди фунти. Ова го истакна британскиот амбасадор Метју Лосон на одбележувањето на третата годишнина од формирањето на Британската бизнис асоцијација во земјава, посочувајќи дека Македонија во моментов е најголем трговски и инвестициски партнер на Обединетото Кралство во регионот на Западен Балкан.
Според презентираните податоци, трговската размена лани пораснала за 18,9% во однос на претходната година. Позитивниот тренд продолжува и во 2026 година, бидејќи во првите два месеци од годинава размената достигнала 374 милиони евра, што претставува раст од 43,4% на годишно ниво.
Амбасадорот Лосон оцени дека развојот на Британската бизнис асоцијација се совпаѓа со период на значајно продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој потсети дека ова следува по одбележувањето на 30 години дипломатски односи и по потпишувањето на Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Според него, овој договор треба да даде поддршка за важни инфраструктурни проекти во транспортот, енергетиката, здравството и технологијата, во рамки на финансиска поддршка од 5 милијарди фунти.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, нагласи дека македонскиот извоз на британскиот пазар во 2025 година достигнал 116 милиони евра, со раст од 14,3%, додека во првите два месеци од 2026 бележи дополнително зголемување од 1,9%. Во исто време, увозот од Обединетото Кралство достигнал 1,46 милијарди евра во 2025 година, што е раст од 19,3%, а во првите два месеци од оваа година растот е уште поизразен.
Таа посочи и дека британските директни инвестиции во периодот од 2014 до 2025 година достигнале 250,1 милиони евра, што претставува 4,5% од вкупните странски инвестиции во земјата. Најсилен прилив е забележан во 2024 година, кога британските инвестиции достигнале 221,3 милиони евра. Според министерката, овие вложувања не носат само капитал, туку и нови технологии, повисоки деловни стандарди, развој на човечкиот капитал и отворање поквалитетни работни места.







