Народната банка на Србија во 2025 година купи рекордни 4,3 тони злато од кинеската компанија „Србија Зиџин Копер“, што го претставува целокупното производство на злато од рудникот во Бор за минатата година. Станува збор за 344 златни прачки, секоја тешка нешто повеќе од 12 килограми, а со ова централната банка продолжува да ја засилува својата стратегија за зголемување на златните резерви.
Рудникот во Бор е во мнозинска кинеска сопственост од крајот на 2018 година, кога „Зиџин Мајнинг“ стекна 63% од акциите во поранешниот РТБ Бор. Според српскиот закон, целото ископано злато прво мора да ѝ биде понудено на Народната банка на Србија, а дури ако таа го одбие, компанијата може да бара дозвола за извоз. Откако кинеската компанија го презеде рудникот, НБС купила вкупно 16,3 тони злато.
Само од продажбата на злато, „Србија Зиџин Копер“ лани остварила приход од околу 48,4 милијарди динари, односно приближно 400 милиони евра. Вкупните приходи на компанијата, вклучувајќи бакар и сребро, достигнале околу 227,6 милијарди динари, при што најголем дел доаѓа од продажба на бакар.
Врз основа на тие податоци, се проценува дека српската централна банка плаќала просечно околу 3.000 евра за унца злато. Тоа е во рамки на глобалните пазарни цени во текот на 2025 година, кога унцата се движела меѓу 2.500 и 3.700 евра.
Благодарение на континуираните купувања, златните резерви на Србија достигнале 53,7 тони во март 2026 година, што е над трипати повеќе во споредба со 2012 година. Според тековните пазарни цени, вредноста на тие резерви се проценува на околу 6,9 милијарди евра. Од Народната банка на Србија најавуваат дека ќе продолжат да купуваат злато и во иднина.







