Семејството што стои зад јужнокорејскиот технолошки гигант „Самсунг“ ја заврши исплатата на рекорден данок на наследство во износ од 12 трилиони вони, односно околу 8 милијарди долари. Станува збор за најголема ваква исплата во историјата на Јужна Кореја, поврзана со имотот на покојниот претседател на компанијата Ли Кун Хи, кој почина во октомври 2020 година.
Сумата била исплатена на шест рати во текот на последните пет години, а во процесот учествувале претседателот на „Самсунг Електроникс“ Ли Џе Јонг, неговата мајка Хонг Ра Хи и сестрите Ли Бу Џин и Ли Сео Хјун. Наследството на Ли Кун Хи било проценето на околу 26 трилиони вони и вклучувало акции, недвижности и уметнички колекции.
„Самсунг“ е најголемиот chaebol во Јужна Кореја, односно семеен конгломерат со активности во електроника, тешка индустрија, градежништво и финансиски услуги. По потврдата дека е исплатена и последната рата, вниманието повторно се насочи кон влијанието и богатството на семејството Ли.
Според индексот на милијардери на Блумберг, вкупното богатство на семејството сега надминува 45 милијарди долари. Нивниот имот значително пораснал во изминатата година, главно поради силната глобална побарувачка за чипови поврзани со развојот на вештачката интелигенција, што дополнително ја зголеми пазарната вредност на „Самсунг Електроникс“.







