Нафтата благо поевтини по најавата на Трамп за операција во Ормускиот теснец

Цените на нафтата утрово забележаа пад, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе им помогнат на бродовите да го напуштат Ормускиот теснец. Најавата веднаш беше одбиена од Иран, но сепак предизвика првична реакција на пазарите, кои делумно детектираа можност за олеснување на транспортниот застој во еден од најважните енергетски коридори во светот.

 

Американската референтна нафта WTI поевтини за 0,28% и се тргуваше по 101,65 долари за барел, додека Брент се намали за 0,06% на 108,10 долари. И покрај овој пад, пазарот останува под силен притисок, бидејќи стотици танкери и товарни бродови и натаму се блокирани, а ограничените капацитети за складирање веќе создаваат дополнителни проблеми за дел од производителите.

 

Според најавите, операцијата „Проект Слобода“ треба да започне во понеделник, со ангажман на разурнувачи со наведувани проектили, повеќе од 100 авиони и околу 15.000 војници. Иако деталите за распоредувањето не се објавени, самата најава беше доволна за да предизвика нов бран внимателни реакции на глобалните пазари.

 

Берзите реагираа мешано. Во Азија дел од индексите забележаа раст, додека на Волстрит S&P 500 и Nasdaq повторно напредуваа, поттикнати и од силните резултати на Apple. Сепак, и покрај краткорочниот пад на цените на нафтата, неизвесноста останува висока, бидејќи понатамошните движења ќе зависат од развојот на конфликтот и од тоа дали Ормутскиот теснец навистина ќе биде повторно отворен за нормален проток на енергенси.

Поврзани вести

Препорачано