Инфлацијата останува на 4,8%, најголем раст кај транспортот и пијалаците

Инфлацијата во Македонија е континуирано висока. Според најновите податоци на државната статистика, трошоците на живот во мај се зголемени за 4,8% во споредба со истиот месец минатата година. Податоците покажуваат дека раст има кај речиси сите категории што директно ги засегаат домаќинствата.

 

Најголемо зголемување е забележано кај транспортот, каде што трошоците се повисоки за 11%. Значителен раст има и кај пијалаците, со вкупно зголемување од 9,8%, при што алкохолните пијалаци поскапеле за 9,3%, а безалкохолните за 4,7%. Повисоки трошоци се регистрирани и кај домувањето, здравствените услуги, рекреацијата, културните активности, образованието и угостителските услуги.

 

Од Сојузот на синдикатите на Македонија оценуваат дека ваквите бројки уште еднаш покажуваат дека платите не се доволни за покривање на основните месечни трошоци. Според ССМ, половина од работниците живеат со плата под 600 евра, додека една третина се на прагот на сиромаштија. Синдикатот повторно бара раст на платите, нагласувајќи дека работникот не треба да се гледа како трошок, туку како основа на економијата и функционирањето на државата.

 

Од Министерството за економија, пак, сметаат дека моменталните бројки покажуваат стабилност и дека засега нема потреба од итни интервентни мерки. Оттаму посочуваат дека институциите располагаат со механизми кои може да се активираат доколку инфлацијата покаже позначителен раст во наредниот период.

 

Меѓу можните мерки се намалување на ДДВ за одредени основни прехранбени производи, ограничување на ценовните шокови кај производите од основната потрошувачка кошничка и таргетирана поддршка за ранливите категории граѓани. Министерството оценува дека фактот што инфлацијата останува на 4,8%, како и претходниот месец, е показател дека досегашните политики за макроекономска стабилност даваат резултати.

 

Последната пресметка на минималната синдикална кошничка покажува дека на едно четиричлено семејство му се потребни 68.700 денари месечно. Од оваа сума, 25.500 денари се наменети само за храна.

Поврзани вести

Препорачано