ЕУ подготвува постепено членство за кандидатите: фондови и пазар без право на глас

Европската комисија подготвува нов модел на постепена интеграција со кој земјите-кандидатки би можеле да добијат дел од економските придобивки на Европската Унија уште пред да станат полноправни членки. Моделот би овозможил пристап до одредени европски фондови, трговски олеснувања и делови од единствениот пазар, но без политички права и право на глас во институциите на ЕУ.

 

Според информации објавени од „Политико“, целта е процесот на проширување да стане подинамичен и земјите-кандидатки да добиваат конкретни придобивки во текот на преговорите, наместо да чекаат до формалното завршување на целиот процес.

 

Обемот на економските привилегии би зависел од напредокот на секоја држава поединечно. Земјите што побрзо го усогласуваат законодавството со европските правила и спроведуваат реформи би можеле да добијат поголем пристап до европските програми и пазарот.

 

Со ваквиот пристап, Брисел сака да ја задржи мотивацијата за спроведување реформи што често се политички тешки и непопуларни. Во исто време, Комисијата нагласува дека критериумите за полноправно членство не би биле намалени.

 

Новиот предлог се разликува од претходните идеи за постепено доделување и политички права. Тие иницијативи наидоа на отпор кај дел од земјите-членки, кои стравуваа дека кандидатите би можеле да влијаат врз одлуките на Унијата пред целосно да ги исполнат обврските.

 

Поради тоа, сегашниот модел се фокусира исклучиво на економската интеграција а според изворите од Брисел, има поголема политичка поддршка. Франција и Германија и претходно предлагаа форми на постепено или „полесно“ членство за државите што со години остануваат во преговарачкиот процес.

 

ЕУ во моментов има девет официјални земји-кандидатки. Црна Гора се смета за најблиску до членство, додека Украина и Молдавија веќе ги отворија пристапните преговори. Процесите со Србија, Турција и Грузија, пак, во последните години се соочуваат со сериозен застој.

 

Сепак, дел од кандидатите предупредуваат дека економските привилегии не смеат да станат трајна замена за полноправното членство. Украина и Црна Гора претходно нагласија дека постепената интеграција може да биде корисна само доколку остане чекор кон целосно приклучување, а не крајна точка на процесот.

Поврзани вести

Препорачано