Вкупните депозити во банкарскиот систем во мај забележале годишен раст од 8,6%, додека вкупната кредитна поддршка се зголемила за 13,4%, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
Растот на депозитите е резултат на повисоките заштеди кај компаниите и домаќинствата, при што поголем придонес имале депозитите на граѓаните. Кај кредитите, пак, посилно влијание имало зголеменото финансирање на корпоративниот сектор.
На месечна основа, вкупните депозити се зголемиле за 0,8%, главно поради растот на средствата на компаниите. Корпоративните депозити биле повисоки за 2,5% во однос на април и за 5,8% во споредба со мај минатата година. Најголем придонес имале депозитните пари и долгорочните депозити во денари.
Депозитите на домаќинствата останале речиси непроменети на месечно ниво, но во споредба со истиот месец минатата година се зголемиле за 9,7%. Растот главно произлегува од поголемите депозитни пари, долгорочните денарски депозити и краткорочните депозити во странска валута.
Кредитите на компаниите во мај пораснале за 0,9% на месечна и за 15% на годишна основа. Годишниот раст целосно произлегува од поголемото кредитирање во денари.
Кај населението, најголем раст продолжуваат да бележат станбените и потрошувачките кредити. Потрошувачките кредити се зголемиле за 1,1% месечно и за 11,2% годишно, додека станбените кредити пораснале за 1,4% на месечна и за 16,3% на годишна основа. Автомобилските кредити се повисоки за 1,7% месечно и за 8,4% годишно.
Кредитите преку кредитни картички се зголемиле за 0,2% во мај, но на годишна основа се намалиле за 4,1%. Негативните салда на тековните сметки пораснале за 6,1% месечно и за 5% годишно.
Паричната маса во мај била повисока за 0,8% на месечна и за 8,6% на годишна основа, поттикната од растот на готовите пари во оптек и различните категории депозити.







