Трамп повторно се врти кон царините – Европа и глобалните партнери под притисок

По најавите за смирување на кризата со Иран, американскиот претседател Доналд Трамп повторно го насочува вниманието кон една од своите најпознати економски политики –  царините. Според CNN, темата повторно се враќа на агендата на Белата куќа, во момент кога глобалните пазари сè уште се чувствителни поради геополитички тензии, инфлација и повисоки трошоци за енергенси.

 

Пред самитот на Г7 во Франција, Трамп се закани со воведување заштитни царини од 100% за француските вина и шампањ, доколку претседателот Емануел Макрон не го укине данокот од 3% на дигиталните услуги. Тој данок директно ги погодува американските технолошки гиганти како Amazon, Alphabet, Apple и Meta, поради што Вашингтон го гледа како непријателска мерка кон американските компании.

 

Белата куќа отфрла директна поврзаност меѓу договорот со Иран и новите економски закани кон Париз, но најавите доаѓаат во период на зголемена дипломатска чувствителност. Дополнително, Трамп најави можност за повисоки давачки и за автомобили од Европската унија, што би можело да предизвика одговор од Брисел и да отвори нов трговски спор меѓу САД и Европа.

 

Покрај европскиот фронт, американската Канцеларија за трговски претставник предложи царини од 12,5% за стоки од Јапонија, Кина и Индија, поради наводи поврзани со присилен труд. Овие мерки треба да стапат на сила следниот месец, но доаѓаат во момент кога американската економија сè уште се стабилизира по претходните трговски потреси.

 

Иако пазарот на труд во САД покажува знаци на подобрување, со просечно 188.000 нови работни места месечно во последниот квартал, инфлацијата останува сериозен проблем. Минатиот месец, годишната стапка се искачила на 4,2%, што е највисоко ниво во последните три години, при што голем дел од растот се поврзува со повисоките трошоци за енергенси.

 

Економистите од BNP Paribas предупредуваат дека нов бран царини може дополнително да ја усложни ситуацијата. Иако базичната инфлација останува на 2,9%, ризикот е дека новите увозни давачки ќе ги зголемат цените, ќе го притиснат бизнисот и ќе создадат нова неизвесност на светските пазари.

Поврзани вести

Препорачано