Ристески: Засега се очекува стабилност кај лебот и основните производи

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески изјави дека во моментов нема промени во цените на лебот и на основните прехранбени производи, но нагласи дека нивната натамошна стабилност ќе зависи од движењата на пазарот и од однесувањето на производителите. Тој посочи дека институциите внимателно ја следат состојбата, особено во услови на актуелните геополитички случувања и конфликтот на Блискиот Исток.

Говорејќи на бизнис-форум во Делчево, Ристески рече дека целта е да се спречи нагло поскапување на лебот и на другите основни производи. Според него, досега постојат уверувања од стопанските комори и од пекарските здруженија дека цените ќе останат стабилни до крајот на месецот.

Тој најави дека во текот на следната недела ќе се одржи и нова средба со Државниот пазарен инспекторат, на која ќе се анализира моменталната состојба и можните идни ценовни движења. Ристески посочи дека очекувањата се цените да останат стабилни, доколку не дојде до поголеми потреси, особено кај нафтата и транспортните трошоци.

Сепак, тој подвлече дека одреден дел од ова ќе зависи и од добрата волја на пекарите и од пошироките пазарни околности. На форумот во Делчево биле отворени и други теми поврзани со економските состојби и поддршката за локалниот бизнис сектор.

Поврзани вести

Препорачано