Волстрит со нови историски нивоа, инвеститорите внимателни пред извештаите на технолошките гиганти

На Волстрит во понеделникот индексите S&P 500 и Nasdaq повторно достигнаа рекордни вредности, поттикнати од растот на акциите на компаниите што произведуваат чипови. Сепак, тргувањето помина во претпазлива атмосфера поради очекувањата за финансиските резултати на водечките технолошки компании и претстојната седница на американските Федерални резерви.

Индексот Dow Jones забележа пад од 0,13 проценти и заврши на 49.168 поени. Во исто време, S&P 500 порасна за 0,12 проценти на 7.173 поени, додека Nasdaq напредуваше за 0,20 проценти и достигна 24.887 поени.

Најголем придонес за новите рекорди имаа производителите на чипови, откако силните деловни резултати повторно го зголемија оптимизмот околу развојот на вештачката интелигенција.

Акциите на Nvidia вчера скокнаа за четири проценти, продолжувајќи го растот и од претходната сесија. Со тоа, пазарната вредност на најголемиот светски производител на AI-чипови повторно надмина 5.000 милијарди долари.

Инвеститорите очекуваат позитивни квартални резултати и од технолошките компании Microsoft, Alphabet, Amazon, Meta и Apple, кои своите извештаи ќе ги објават во текот на неделава.

Од околу 140 компании и банки во состав на индексот S&P 500 што досега ги објавија резултатите, дури 81 процент ги надминале прогнозите на аналитичарите. Според актуелните проценки, заработката на компаниите во првиот квартал е зголемена за околу 16 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Во фокусот на инвеститорите оваа недела ќе бидат и состаноците на неколку централни банки, меѓу кои американскиот ФЕД, Европската централна банка, како и централните банки на Јапонија и Велика Британија. Не се очекуваат промени на каматните стапки, но вниманието ќе биде насочено кон пораките за инфлацијата и состојбата во глобалната економија.

Дополнителна неизвесност создава и кризата на Блискиот Исток. Иако во петокот се најавуваше можност за нов круг мировни разговори меѓу САД и Иран, американскиот претседател Доналд Трамп викендов го откажа патувањето на американската делегација во Пакистан.

Состојбата во регионот останува тензична – Иран практично го ограничува извозот на нафта преку Ормутскиот Теснец, додека американската морнарица врши блокада на иранските пристаништа.

Поради сите овие фактори, тргувањето на американските берзи беше умерено и внимателно, што се гледа и преку помалиот обем на тргување. Вчера на американските пазари беа разменети околу 15,6 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 18,3 милијарди.

„Пазарот малку се стабилизира по силниот раст на акциите во последните недели и достигнувањето нови рекордни нивоа. Инвеститорите сега проценуваат дали овие вредности се реално оправдани“, изјави Роберт Павлик, портфолио менаџер во Dakota Wealth.

На европските берзи, пак, индексите вчера забележаа пад. Лондонскиот FTSE ослабе за 0,56 проценти, франкфуртскиот DAX за 0,19 проценти, а парискиот CAC исто така се намали за 0,19 проценти.

Поврзани вести

Препорачано