Европската комисија претстави сет мерки за справување со енергетската криза поттикната од конфликтите на Блискиот Исток. Пакетот е насочен кон пазарите на електрична енергија, природен гас и авионско гориво, со цел да се ублажат ценовните шокови и ризиците за снабдување.
Еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен предупреди дека не станува збор за краткорочен пораст на цените, туку за длабока криза што може да се спореди со најтешките енергетски потреси од минатото. Според него, претстојат неизвесни и предизвикувачки месеци, а развојот на ситуацијата во регионот ќе биде клучен фактор.
Меѓу предложените чекори се намалување на давачките за електрична енергија и подобра координација при полнењето на државните резерви на гас. Целта е да се избегнат нагли ценовни скокови во периоди на зголемена побарувачка. Воедно, Комисијата ќе дава насоки за користење на стратешките резерви на нафта.
Европа и понатаму е силно зависна од увоз на гас, а по затворањето на Ормутскиот теснец цените забележаа значителен раст. Сепак, тие сè уште се под нивото од 2022 година, а засега нема сериозни прекини во снабдувањето, иако авио-индустријата предупредува на можни недостиг на гориво.
Како дел од мерките, се планира воспоставување заеднички систем за следење на производството, трговијата и резервите на гориво, со почетен фокус на авионското гориво. Брисел најавува и координација со клучните актери за обезбедување алтернативни извори.
Комисијата засега избегнува директни интервенции на пазарот, како ограничување на цените или дополнително оданочување на енергетските компании. Наместо тоа, акцентот е ставен на намалување на потрошувачката, преку поттикнување јавен превоз, енергетска ефикасност и инвестиции во зелени технологии.
Долгорочно, Европската Унија ќе се насочи кон побрза транзиција кон обновливи и нуклеарни извори на енергија, со цел да ја намали зависноста од фосилни горива и да ја зголеми отпорноста на идни кризи.







