Просечната нето-плата во февруари достигна 46.159 денари

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари 2026 година изнесувала 46.159 денари, што претставува годишен раст од 7,2%, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во исто време, просечната бруто-плата достигнала 69.371 денар.

Најизразен годишен раст на платите е забележан во административните и помошните услужни дејности, каде зголемувањето изнесува 12,3%. Следуваат секторите рударство и вадење камен со раст од 10,6% и снабдување со вода и управување со отпад, каде платите се повисоки за 9,4%.

Од друга страна, на месечно ниво е забележано намалување на просечната нето-плата во неколку сектори. Во земјоделството, шумарството и рибарството платите се пониски за 5,7%, кај другите услужни дејности падот изнесува 5%, а во секторот уметност, забава и рекреација намалувањето е 4,6%.

Податоците на ДЗС покажуваат и значителни разлики меѓу секторите. Највисока просечна нето-плата и натаму има во секторот информации и комуникации, чијшто износ е 86.013 денари. Потоа следуваат финансиските дејности и осигурувањето со просечна плата од 63.300 денари, додека на третото место е градежништвото со 57.745 денари.

Поврзани вести

Препорачано