Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, оценува дека актуелната инфлација од 4,9 проценти се движи во рамки што може да се сметаат за контролирани, особено во услови на глобална економска и геополитичка нестабилност. Тој посочи дека и меѓународните организации, како Организацијата за храна и земјоделие, во кризни периоди регистрираат инфлациски движења во опсег од 5 до 8 проценти, што според него покажува дека земјата засега успева да остане во релативно стабилна зона.
Според Здравковски, разликата во однос на претходниот период е во тоа што Владата презема конкретни чекори за ублажување на притисокот врз цените. Тој потсети на мерките како намалување на ДДВ и акцизите за горивата, со цел да се спречи продлабочување на инфлаторната спирала, која, според него, се градела со години поради лоши економски политики, намалено производство и слабеење на земјоделието.
Тој нагласи дека во вакви услови не треба да се носат избрзани одлуки, особено поради нестабилноста на цените на нафтата на светско ниво. Бидејќи енергенсите се важен фактор во формирањето на цените на голем број производи и услуги, потребна е внимателност и кај Владата и кај Собранието, за да не се предизвикаат дополнителни поскапувања.
Здравковски истакна дека тековните економски показатели се значително подобри во споредба со 2022 и 2023 година, посочувајќи дека инфлацијата кај храната тогаш изнесувала 24,8 проценти, односно 16,8 проценти, додека сега е сведена на 4,9 проценти. Дополнително, како дел од заштитата на животниот стандард, тој го издвои и растот на пензиите, наведувајќи дека повозрасните граѓани од овој месец добиваат по 7.000 денари повеќе во однос на нивото од пред две години.







