Собранието денес одлучува за продолжување на кризната состојба за нафта до 20 јули

Денеска Собранието ќе расправа и ќе одлучува за продолжување на кризната состојба во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, која, согласно предлогот на Владата, треба да биде продолжена до 20 јули 2026 година.

 

Пред пратениците се наоѓа предлог-одлука со која се бара одобрување за продолжување на рокот на постојната кризна состојба, а таа е единствена точка на дневниот ред на 99. седница, закажана за 12 часот. Се очекува расправата да биде кратка, имајќи предвид дека станува збор за мерка што веќе е во сила и се предложува нејзино продолжување.

 

Владата ја усвои оваа предлог-одлука на седница одржана во вторникот, при што се повика на уставните и законските одредби што го регулираат системот за управување со кризни состојби. Оттаму посочуваат дека станува збор за превентивна мерка, насочена кон навремено справување со можни ризици во енергетскиот сектор.

 

Како главна причина за продолжувањето се наведува неизвесноста на глобалните енергетски пазари и потенцијалните нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати на домашниот пазар. Ваквите ризици, според надлежните, можат директно да влијаат врз енергетската сигурност, но и врз пошироката економска стабилност на државата.

 

Доколку предлогот добие поддршка од пратениците, одлуката ќе стапи во сила на 21 април, веднаш по нејзиното објавување во „Службен весник“, со што ќе се обезбеди континуитет на мерките за следење и управување со состојбите во снабдувањето со енергенси.

Поврзани вести

Препорачано