Малопродажните цени во Република Северна Македонија покажуваат умерен раст од 0,43 проценти во анализираниот период, според најновите податоци подготвени од Министерството за економија и труд во соработка со Државниот пазарен инспекторат.
Истражувањето опфаќа 55 најчесто купувани прехранбени и непрехранбени производи, следени во четири трговски синџири со различна ценовна политика, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Иако набавните цени се зголемиле за 1,01 проценткрајните продажни цени останале релативно стабилни.
Во меѓувреме, просечната бруто-профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28 на 15,80 проценти. Според институциите, ова укажува дека трговците презеле дел од ценовниот товар со цел да се зачува ценовната стабилност за потрошувачите.
Кај основните прехранбени производи е забележан благ раст од 0,45 проценти, при што најизразено поскапување има кај киселото млеко, сирењето, јајцата и маслото.
Спротивно на тоа, цените на безалкохолните пијалаци се намалиле за 1,01 процент, додека овошјето и зеленчукот поевтиниле за 0,86 проценти, и покрај тоа што доматите и кромидот бележат поскапување.
Во сегментот на непрехранбени производи, односно основните хигиенски средства, е регистриран пораст од 1,42 проценти.
Од Министерството оценуваат дека ценовните движења во овој период се умерени и под контрола, при што клучен фактор за тоа е намалувањето на трговските маржи. Воедно, најавуваат дека внимателно ќе продолжат да ги следат состојбите на пазарот и доколку се јави потреба, ќе предложат мерки за дополнително стабилизирање на цените и заштита на животниот стандард на граѓаните.






