Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит од 30 милиони евра за НЛБ Банка Скопје, во рамки на програмата WB GOLD, со цел поттикнување на зелено финансирање и поддршка на малите и средни претпријатија (МСП) во Македонија.
Оваа кредитна линија има за цел да обезбеди поддршка за раст и развој на МСП, но истовремено да го насочи бизнис-секторот кон одржливи инвестиции и еколошки поефикасни решенија. Програмата WB GOLD претставува иновативен финансиски инструмент кој стимулира зелени инвестиции преку модел базиран на резултати, со што се охрабруваат банките и компаниите да воведуваат поеколошки практики.
Фокусот на програмата е насочен кон финансирање на проекти што придонесуваат за намалување на енергетската потрошувачка, зголемување на ефикасноста и користење на обновливи извори на енергија. На тој начин се создава баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина, што е еден од клучните приоритети на ЕБОР во регионот.
Кредитот беше официјално потпишан од претставникот на ЕБОР за Македонија, Фатих Туркменоглу, и извршниот директор и претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, Тони Стојановски.
Од ЕБОР истакнуваат дека соработката со НЛБ Банка претставува важен чекор во унапредување на зеленото финансирање и дека WB GOLD рамката директно придонесува кон создавање одржливи економски резултати и еколошки придобивки.
Со оваа инвестиција, ЕБОР дополнително ја зајакнува својата улога како еден од најголемите институционални инвеститори во земјата, со повеќе од 3 милијарди евра вложени во над 200 проекти во Северна Македонија.







