Платежните картички сè повеќе стануваат секојдневен избор за граѓаните и компаниите, а бројот и вредноста на трансакциите бележат силен годишен раст. Сепак, и покрај забрзаната дигитализација и сè поголемата употреба на мобилни и бесконтактни решенија, готовината и натаму успева да ја задржи предноста.
Според податоците на Народната банка, вредноста на повлечената готовина од банкоматите достигнала 367,6 милиони евра, додека вкупната вредност на картичните трансакции изнесувала 361,8 милиони евра. Разликата е релативно мала – 5,8 милиони евра, или околу 1,6 проценти во корист на готовината. Ова е особено интересно ако се знае дека плаќањата со картички биле речиси седум пати побројни, односно 19,04 милиони трансакции, наспроти 2,77 милиони подигнувања готовина.
Кај картичните плаќања е забележан силен раст. Во 2025 година се реализирани над 19 милиони електронски плаќања, со вкупна вредност од повеќе од 361 милион евра. Тоа претставува годишен раст од 17,2 проценти кај бројот на трансакции и 18,6 проценти кај вредноста. Најголем дел од нив ги направиле физички лица, кои и натаму се главниот двигател на овој сегмент.
Посебно се издвојува растот кај мобилните и бесконтактните плаќања. Мобилните трансакции се удвоиле и достигнале 473.769 плаќања во вредност од 8,2 милиони евра. Бесконтактните плаќања, пак, надминале 13,89 милиони трансакции, со вкупна вредност од 218,6 милиони евра, додека преку NFC се реализирани 4,65 милиони трансакции вредни 74 милиони евра.
Силен раст има и кај онлајн купувањето. Во текот на годината биле извршени 2,63 милиони онлајн трансакции, со вкупна вредност од 83,3 милиони евра. Дополнително, значително се зголемуваат и повторливите плаќања, како претплати, сметки и рати, што укажува на постепено менување на навиките.
Сепак, бројките покажуваат дека дигитализацијата засега не е доволна за да ја потисне готовината. Иднината можеби оди кон безготовинско плаќање, но македонските граѓани и понатаму силно се потпираат на кеш.







