Во првите два месеца од годинава раст и на извозот и на увозот

Вкупниот извоз на стоки од Македонија во периодот јануари – февруари 2026 година достигна 1.258,6 милиони евра, што претставува раст од 2,4 % во споредба со истиот период лани. Истовремено, вредноста на увозот изнесува 1.879,6 милиони евра, што исто така бележи зголемување од 2,4 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

 

Во структурата на извозот доминираат катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење за возила, воздухоплови и пловни објекти, како и делови за седишта и други видови катализатори.

 

Од друга страна, кај увозот најголемо учество имаат платината и нејзините легури во необработена форма или како прав, останатите метали од платинската група, нафтени деривати добиени од битуменозни минерали (со исклучок на суровите), како и електричната енергија.

 

Според вкупниот обем на надворешнотрговската размена во овој период, најинтензивна трговија е остварена со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 49,9 % од вкупната размена. Притоа, земјите членки на Европската Унија имаат удел од 57,8 % во вкупниот трговски промет.

Поврзани вести

Препорачано