Работната недела во ЕУ се намалува – Европејците работат во просек 35,9 часа

Работната недела во Европската Унија продолжува постепено да се скратува, покажуваат најновите податоци на Евростат. Во 2025 година, вработените на возраст од 20 до 64 години, во просек работеле 35,9 часа неделно на своето главно работно место.

 

Ова претставува намалување во споредба со 2015 година, кога просечната работна недела изнесувала 36,9 часа. Податоците укажуваат на промени на европскиот пазар на труд, каде што флексибилните работни модели, различните секторски потреби и промените во организацијата на работата имаат сè поголемо влијание.

 

Најдолга работна недела е забележана во Грција, каде што вработените во просек работеле 39,6 часа. По неа следуваат Бугарија и Полска со по 38,7 часа, како и Литванија со 38,4 часа неделно.

 

На долниот дел од листата е Холандија, каде што просекот изнесувал 31,9 часа неделно. Пократка работна недела е регистрирана и во Данска и Германија, со по 33,9 часа, како и во Австрија со 34 часа.

 

Евростат појаснува дека статистиката се однесува на реално одработените часови во референтната недела, вклучувајќи прекувремена работа. Во пресметката не се вклучени боледувања, одмори и времето поминато во патување до работното место.

 

Според професиите, најмногу работеле квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, со околу 42 часа неделно.

Поврзани вести

Препорачано