Народната банка продолжува со унапредување на својата монетарна и пазарна рамка, со цел да обезбеди поголема стабилност, поефикасно управување со ликвидноста и подобра отпорност на домашната економија на надворешни шокови. Ова го истакна вицегувернерот Игор Величковски на Годишното собрание на Здружението на финансиски пазари АЦИ Македонија, нагласувајќи дека стабилниот девизен курс на денарот во однос на еврото и натаму останува клучно сидро за ценовна стабилност и предвидливост во економијата.
Во неговото обраќање беше потенцирано дека со последните измени на оперативната монетарна рамка се заокружува важен процес на нејзино унапредување. Новата поставеност треба да овозможи поголема флексибилност, поефикасно управување со ликвидноста во банкарскиот систем и побрза реакција во услови на променливи пазарни околности. Според Величковски, овие промени добиваат уште поголемо значење во време на засилена неизвесност на светските пазари, поврзана со геополитичките случувања и конфликтите на Блискиот Исток.
Посебно беше нагласено дека со пократката рочност на благајничките записи и воспоставувањето симетричен распон на каматните стапки се подобрува насочувањето на краткорочните каматни стапки и преносот на монетарните сигнали. Во наредниот период, Народната банка ќе биде насочена и кон понатамошен развој на девизниот пазар, со акцент на поголема транспарентност, ликвидност и доверба кај учесниците.
Во делот на финансиските пазари, беа издвоени и новините во регулативата за финансиски инструменти и финансиско обезбедување, кои отвораат простор за воспоставување платформи за секундарно тргување. Очекувањата се дека тоа ќе придонесе за повисока транспарентност, подобра заштита на инвеститорите и посилна ликвидност на пазарите, во согласност со европските стандарди.
Во платежната сфера, особено беше истакнато значењето на пристапувањето на земјата кон СЕПА, со што веќе се овозможуваат побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични плаќања во евра. Паралелно, Народната банка работи и на воспоставување систем за инстант плаќања, кој ќе овозможи трансакции во реално време, 24 часа на ден.







